Средба Османи - Џејн

27 јануари 2023

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.

Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сѐ, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.

Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ Тројката.

Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на ЗБ во целина во EУ. Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009г.), нашата земја ја доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати, сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.

 

Во актуелниот европски безбедносен контекст, беа разменети мислења за текот на активностите во насока на заокружување на процесот за полноправно членство на Шведска во НАТО, при што беше заемно констатирана важноста овој процес да се заокружи што побрзо со цел зацврстување на стабилноста и безбедноста на европскиот континент.